Насловна / Дневни Вести / Презентирано идејното решение за изградбата на становите од „АРМ мој вистински дом“

Презентирано идејното решение за изградбата на становите од „АРМ мој вистински дом“

arm1-2.jpgСкопје – Пред припадниците на АРМ денеска во присуство на министерот за одбрана Зоран Коњановски беше презентирано идејното решение во прва фаза за изградба на станови од проектот „АРМ мој вистински дом“ од страна на архитектонскиот тим од професори, асистенти и соработници од Универзитетот „Св. Кирил и Методиj“.

На локацијата на скопската касарна „Илинден“, како најактрактивна, е предвидено да се изградат максимум 1.400 станови, но конечната конструкција ќе зависи од пројавениот интерес. Само во градот Скопје досега интересот е за околу 800 станови за припадниците на АРМ.
Се очекува во наредните 45 дена да биде донесен деталниот урбанистички план од страна на Општина Карпош по што ќе се отпочне со проектната документација. Почетокот на идната година доколку работите се движат со планираната динамика, ќе се почне со изградба на становите. Кога ќе биде завршена целокупната проектна документација, информира министерот Коњановски, ќе се распише тендер од Јавното претпријатие за стопанисување со станбен и деловен простор, а цената ќе ја утврди пазарот, но ќе се вложат напори цената по квадратен метар да не ја надмине почетно планираната од околу 500 евра.
Според проф.Митко Хаџи-Пуља, кој е дел од тимот проектанти, ова е посебен ден за македонското градителство. Понудено е најоптимално решение кое во светски рамки се промовира од сите влади во ЕУ.
– Начинот на кој АРМ пристапи кон решавање на станбените прашања за своите припaдници го надминува интересот само на своите припадници и дава позитивен пример на целото општество за тоа како треба да се гради и да се организира поширок процес, изјави Хаџи-Пуља. Во зависност од бројот на становите кои ќе треба да бидат изградени, појасни тој, ќе биде моделиран и јавниот простор, а програмата е отворена со можност на интервенции.
Предвидено е овој проект да се реализира во сите градови каде што има касарни на АРМ односно во Тетово, Куманово, Штип, Велес и во Кичево. Припадниците на АРМ ќе имаат право да аплицираат за добивање стан во местото каде се распоредени на служба. (МИА)

arm1.jpg

Испрати коментар

Scroll To Top